fbpx

Проблеми и знаци за кои мажите треба гласно да зборуваат

Мажите е најтешко да ги однесете на лекар. Голем број истражувања потврдуваат дека дури 60% од мажите трпат болка, без притоа да се упатат на лекар. Најстрашно е што ги занемаруваат и оние знаци кои може да бидат аларм за почетна фаза на канцер. Ова се најсомнителните знаци кои не треба да ги занемарите.

Проблеми при мокрење

Знаците кои укажуваат на проблеми при мокрење како што се почесто мокрење, проблеми да започнете со мокрење или слаб млаз на урина може да се јават како резултат на зголемена простата. Простатата може да се зголеми заради воспаление или бенигнен тумор, но можно е и зголемувањето да биде еден од симптомите на карцином на простата. Преглед кај уролог ќе ви ги расчисти сите дилеми.

Промени во тестисите

Не ги заборавајте тестисите. Правете самопреглед бидејќи карциномот на тестиси се развива за многу кратко време. Доколку забележите било каква промена, грутка, тежина, веднаш разговарајте со уролог.

Крв во столица/урина

Присуството на крв во столицата може да биде знак за хемороиди, но фактот дека крвавата столица е еден од симптомите и на канцерот на дебелото црево е доволен за да ве поттикнеме да направите рутински преглед кај гастроентерохепатолог кој ќе одлучи што понатаму. Крвта во урината, исто така, е знак што не треба да го занемарувате.

Промени во усната празнина – посебно за пушачите

Пушачите имаат поголем ризик за карцином на усната празнина. Доколку забележите бели или црвени плаки на лигавицата разговарајте со вашиот лекар и стоматолог.

Болка

Да. Мажите се оние кои секогаш ја одложуваат посетата на лекар, дури и кога чувствуваат болка. Доколку чувствувате константна болка повеќе од еден месец, разговарајте со вашиот лекар. Болката може да биде симптом за голем број на карциноми, особено кога метастазираат.

Нагло губење на тежината

Наглото слабеење без да држите диета можеби е резултат на напорна работа, стрес и нередовна исхрана. Често може да биде причина и за проблеми со тироидната жлезда. Иако не е главен симптом за карцином, губењето на 10 килограми може да биде аларм за присуство на карцином на панкреас, абдомен или бели дробови.