„Мовембер“: повеќе од мустаќи

Секој ноември, милиони луѓе се обединуваат во рамките на „Мовембер“ (Movember). Со пуштање мустаќи, тие не следат само стилски тренд, туку поттикнуваат промени што спасуваат животи. Движењето е посветено на здравјето на мажите, со фокус на ракот на простатата, ракот на тестисите, менталното здравје и превенцијата од самоубиства.

Од мала идеја до светско движење

Приказната започнала во 2003 година, со разговор меѓу двајца пријатели во паб во Мелбурн. Тревис Гарон и Лук Слатери сакале да ги вратат мустаќите во мода и да соберат средства за борба против ракот на простатата. Нивната група од 30 пријатели подоцна прераснала во милиони „Мо браќа“ (Mo Bros) и „Мо сестри“ (Mo Sisters) низ светот.

Зошто е важно да се зборува за здравјето на мажите?

Молкот и стигмата често ги засенуваат разговорите за здравјето на мажите. „Мовембер“ поттикнува отворена дискусија за сериозни состојби што пречесто се занемаруваат.

  • Рак на простатата: Најчест вид рак кај мажите, со еден смртен случај на секои 45 минути.
  • Рак на тестисите: Најчест вид рак кај младите мажи.
  • Самоубиство: Водечка причина за смрт кај мажите помлади од 50 години.

Заштита, здрави навики и рано откривање

Не постои целосна превенција од рак на простатата и рак на тестисите. Здравите навики и редовните лекарски контроли, сепак, се важни за грижата за здравјето и за навремено откривање на болестите.

Грижа за здравјето на простатата

  • Здрава исхрана: Вклучете повеќе растителна храна, како домати, боровинки и зеленчук од семејството на зелките, како и здрави масти. Ограничете ги црвеното и преработеното месо и млечните производи со висока масленост.
  • Физичка активност и телесна тежина: Одржувајте здрава телесна тежина и бидете физички активни најмалку 150 минути неделно.
  • Лекарски прегледи и скрининг: По 50-тата година, разговарајте со лекар за проверка на PSA. Ако имате семејна историја или зголемен ризик, консултацијата може да биде порано, околу 40–45 години.

Физичка активност: поддршка за телото и умот

Физичката активност има важна улога во грижата за здравјето на простатата и за менталното здравје. Таа влијае врз биолошките процеси во организмот, а може да помогне и во справувањето со стресот, депресивните симптоми и чувството на осаменост.

Физичка активност и рак на простатата

Редовното вежбање е достапен начин за поддршка на здравјето. Истражувањата ја поврзуваат физичката активност со помал ризик од рак на простатата и со подобри исходи кај мажи што веќе имаат дијагноза.

  • Намалување на ризикот: Физички активните мажи имаат помал ризик од агресивни форми на рак на простатата. Подобрувањето на кардиореспираторната кондиција се поврзува со речиси 35% помал ризик.
  • Прогресија и смртност: Кај мажи со дијагноза, брзото одење со темпо над 5 км/ч, повеќе од 3 часа неделно, се поврзува со 57% помал ризик од прогресија во споредба со неактивноста. Интензивното вежбање се поврзува со околу 61% помал ризик од смрт од оваа болест.
  • Биолошки механизми: Вежбањето влијае врз нивото на тестостерон и инсулин, го намалува хроничното воспаление и ја поддржува имунолошката функција. Овие процеси се важни за разбирањето на неговата улога во здравјето на простатата.

Физичка активност и ментално здравје

Движењето е тесно поврзано со менталното здравје. Физичката активност може да помогне во намалувањето на депресивните симптоми и емоционалната импулсивност, но не ги отстранува сите причини за сложените психички кризи.

  • Самоубиствени мисли и однесувања: Студиите ја поврзуваат редовната физичка активност со до 40% помал ризик од самоубиствени мисли и однесувања. Вежбањето може да биде дел од поддршката, особено кај лица со дијагностицирани ментални нарушувања, но не е замена за стручна помоъ.
  • Поддршка при депресија и анксиозност: Структурираната физичка активност може да помогне во справувањето со лесни до умерени симптоми.
  • Хемија на мозокот: Движењето влијае врз ендорфините, допаминот и серотонинот. Се поврзува и со зголемување на протеинот BDNF, кој има улога во обновувањето на мозочните клетки и во отпорноста на стрес.