Коронавирус- колку е безбедно вежбањето во Фитнес сала?
Изминатата година беше збунувачка за сите посетители на фитнес центрите. На почетокот на март спортските сали и фитнес центрите добија насоки да ги затворат вратите како една од мерките за сузбивање на тогаш новиот Коронавирус. Домашните онлајн тренинзи станаа норма и секојдневие. Потоа, крајот на јуни беше обележан со повторно отворање на сите фитнес и спортски објекти, секако под строго регулирани услови.
Фитнес сала и коронавирус – што вели статистиката?
По отворањето на фитнес салите во Англија беше спроведено едно истражување кое опфати повеќе од 1300 фитнес сали. Во првите трите недели од повторното отворање (25 јули до 16 август), имало повеќе од осум милиони посети на фитнес центрите. Од податоците, само 17 лица кои биле во посета на фитнес салите во Англија, биле тестирани позитивно на ковид-19, што резултирало со 0,020 случаи на секои 10 000 посети.
Од друга страна, согласно извештајот за надзор на јавното здравје во Англија, во периодот од 19 до 25 Октомври биле регистрирани 107.046 луѓе кои биле позитивни на коронавирус.
Од нив, 33.233 пријавиле контакт со други лица во претходните седум дена. 930 лица изјавиле дека биле во фитнес сала – тоа е 2,8% од сите пријавени локации. Притоа, не е познато дали истите биле изложени на коронавирусот во фитнес сала – само е познато дека ја посетиле салата.
Согласно овие податоци, фитнес салите се споменуваат во 2,8% од случаите, додека супермаркетите се застапени во 11,2%, а пабовите и баровите во 7,4% од вкупниот број на посетени локации.
Во недостаток на ваква статистика кај нас, ние би можеле само да констатираме што точно се случувало во нашиот фитнес центар:
Во месец октомври, од вкупно 6.066 посети и вкупно 356 активни членарини, 4 клиенти пријавиле дека се позитивни на ковид. Тоа изнесува 1,12% од вкупниот број на членови, притоа без никаква можност за трансмисија помеѓу нив со оглед на тоа што секој од нив доаѓал во различен термин, а дел и во различен период.
Согласно горе наведеното, почитувањето на протоколот е од есенцијално значење – почитување на термините, користење на сопствена крпа, одржување пристојна физичка дистанца, дезинфекција на справите пред и по секоја употреба и тоа како придонесуваат да останеме физички активни со минимална веројатност да се заразиме или да изложиме некој друг доколку ние го носиме вирусот.
Кога е најпогодно време да се вратите во фитнес сала после прележан коронавирус?
Бидете сигурни дека сте целосно подобри
Колку подолго и посериозно е Вашето искуство со коронавирусот, толку подолго време ќе Ви биде потребно да се опоравите и да се вратите на вежбање. Важно е да ја пратите својата состојба и да немате преголеми очекувања од себе.
Почнете пополека
Користете го вашиот разум. Започнете со кратки тренинзи со слаб интензитет. Во зависност од тоа како се чувствувате, постепено зголемувајте го интензитетот и времетраењето на тренинзите.
Слушајте го вашето тело
Ако повторно почнете да се чувствувате лошо или се чувствувавте целосно неспособни за активноста што ја правите, тогаш само повлечете се чекор наназад и обидете се повторно со нешто полесно кога ќе чувствувате можност за тоа.
Одморете се и опоравете се
Вашето тело беше ангажирано да се бори со доста сериозен вирус. Доколку покрај ова, дополнително го ангажирате Вашето тело и со вежбање може да се појават несакани ефекти. Затоа, добра идеја е да си дозволите дополнително спиење и одмор за вашето тело да се врати во нормална состојба .
Останете позитивни
Забавете го темпото. Можеби на почетокот ќе се почувствувате како одново да почнувате со вежбање, но ќе бидете изненадени од тоа колку брзо ќе ја вратите вашата физичка подготвеност. Запомнете дека Вашата активност ќе Ви помогне да го одржите имунитетот во добра форма за идните инфекции .